Промовиран ЛЕАП на општината Ѓорче Петров

Документ за регистрирање и селектирање на вистинските проблеми

Општината Ѓорче Петров го промовираше изготвувањето на Локалниот акциски еколошки план - ЛЕАП изработен со помош на Канцеларијата на РЕЦ и Шведската аганција за развој – СИДА. Документот ги содржи сите податоци за фактичката состојба со животната средина и е составен од две фази. Во изработката на првата, општината соработувала со сите јавни институции од каде добивала точни резултати за состојбата на својата територија. Овој ЛЕАП е изработен по најнова методологија, промовирана од Канцеларијата на РЕЦ, при што се добиени прецизни резултати во областа на зачувување на животната средина, а истата методологија ја користи и Министерството за животна средина во изработката на Националниот еколошки акциски план.

Во првиот еколошки документ на Ѓорче Петров содржани се општи податоци за општината, оценката на состојбата за животната средина (воздух, вода, отпад, почва и природа, листа на приоритети и план за спроведување). На врвот на листата на најголеми проблеми се наоѓаат: загрозеноста на бунарската зона Нерези-Лепенец со отпадни води, немањето пречистителна станица и канализациска мрежа во најголемиот дел од општината, многу диви депонии, бесправната градба, бесправното вадење песок од коритото на Лепенец и др.

„Овој ЛЕАП е стратешки документ којшто ќе ни претставува водилка за сите наши акции во иднина. Општината е многу специфична, се протега меѓу две реки и во најголемиот дел е рурална, каде што лежат и повеќето од проблемите. Со акцискиот план се дефинирани тие проблеми и начините и роковите кога планираме да ги решиме”, истакна Сокол Митровски, градоначалник на општината Ѓорче Петров.

Катарина Стојковска од РЕЦ нагласи дека создавањето еден ваков документ е тешка и макотрпна работа со којашто се регистрираат вистинските проблеми на една територија, како и нивното селектирање по важност. Таа овој ЛЕАП го оцени како основа за подобрување на состојбите во животната средина. 

С.Н.