Конференција за декриминализација на клвета и навреда

ЗА право на слободно изразување

Казните за клевета и за навреда ќе се исфрлат од македонското казнено право. Наскоро ќе бидат иницирани измени на Кривичниот законик за бришење на затворската санкција за клевета и за навреда. Ова го најави министерката за правда, Мери Младеновска-Ѓорѓиевска, на Меѓународната конференција посветена на декриминилизација на овие кривични дела во организација на Македонскиот институт за медиуми и Здружението на новинарите на Маке­донија, со поддршка на ОБСЕ, што се одржа на 10 и 11 февруари во Скопје, а на којашто учествуваа новинари и медиумски експерти од Југоисточна Европа и од Централна Азија, како  и професори од западноевропските зем­ји. Според податоците на Министер­ството за правда, во периодот 2003-2005 година, во Македонија имало вкуп­но 454 кривични постапки за клевета и за навреда, од кои 94 биле решени. Меѓу нив, 126 постапки биле притив новинари и медиуми.

Според Фредерик Грас од Советот на Европа, затворска казна треба да се отстрани од Кривичниот закон, но под услов тие дела да се префрлат во граѓанското право.

Роланд Блес од ОБСЕ, претставник за слободата на медиумите, исто така се заложи за декриминализација. “Не е лесно да се работи како новинар ако знаете дека со една направена грешка може да одите во затвор. Од 55 земји-членки на ОБСЕ, половината од нив ги имаат декриминализирано клеветата и навредата, половината ги немаат. Мла­дите демократски држави се попод­готвени да извршат декриминализација на навредата и на клеветата”, изјави Блес.   

Зоран Иванов, директорот на МИА, мисли дека слободата на изразувањето треба да има лимит. “Во некои опште­тва што ги цениме како демо­кратски, тој лимит е висок, а во тоталитарните е многу тесен. Рестрикциите се нужни со цел да се заштити угледот на една личност, група луѓе, вера или нација.”