Во Домот „Даре Џамбаз“ во Скопје
Хендикеп интернационал и додели награда на ПОРАКА
Во Домот на хуманитарните организации “Даре Џамбаз”, во Скопје, на 20 јануари регионалниот директор на Хендикеп интернационал (Хандицап Интернатионал) - југоисточна Европа, Александар Коут му ја додели годишната награда за 2005 година за најдобра практика во областа на сервисни служби во местото на живеење за лица со попреченост на Републичкиот центар за поддршка на лицата со интелектуална попреченост РЦПЛИП - ПОРАКА.
“Денес, Хендикеп интернационал чувствува дека Македонија е една од земјите во регионот којашто има вистински капацитет да го направи општеството подостапно и поотворено за лицата со попреченост. Од Њујорк до Брисел, од подготовките на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост од страна на Обединетите нации до имплементирањето на акцискиот план за лицата со попреченост од страна на Европската Унија, развивањето на политиката што го поддржува целосното учество на лицата со попреченост не е повеќе само опција, туку претставува обврска за сите одговорни централни и локални власти. Искрено се надеваме дека во иднина македонската влада многу поактивно ќе го поддржи развивањето и одржливоста на сервисните служби за лицата со попреченост, како и оние коишто се креирани и менаџирани од страна на РЦПЛИП - ПОРАКА” - изјави Коут. Тој посочи дека двете организации во април, годинава, ќе организираат конференција фокусирана на склучување договори за партнерство помеѓу владиниот и невладиниот сектор.
|