Претседателот на мрежата фондации Сорос, за одговорноста за воени злосторства

Колективна политичка одговорност

Одговорноста, а не помирувањето, е главната идеја којашто треба да се промовира по бројните злосторства што беа извршени во поранешна Југославија. Тоа е задачата на Хашкиот трибунал за воени злосторства

Сараево, 2 април (Хина) – При­фа­ќа­њето на колективната поли­тич­ка одговорност за воени злосторства е единствен начин за закрепнување на едно општество во чие име би­ле извршени тие воени злосторства, а оваа формула е исто така применлива и за воените злосторства извршени во поранешна Југославија”, рече во Са­ра­е­во Ариен Најер, претседател на мрежата фон­дации на Сорос и еден од нај­зна­чај­ни­те промотери на борбата за човекови права во современиот свет. Најер учест­ву­­ваше во настанот кој ја одбележи десетгодишнината од “Медија центарот Сараево”, проект кој беше силно под­др­жан од фондацијата Сорос за време на војната, и одржа предавање за предизвиците со кои се со­очува едно општество оп­товарено со воени злосторства. Најер презентира теорија според која одговорноста, а не помирувањето, е главната идеја којашто треба да се промовира по бројните злосторства што беа из­вр­ше­ни  во поранешна Југославија и дека тоа е задачата на Хашкиот трибунал за воени злосторства.

“Водењето судски процеси и донесувањето пресуди во Хашкиот трибунал или во кој и да е друг суд, не би имало смисла без при­фа­ќање на одговорноста од страна на оние кои со своите де­ла или со неуспехот да дејствуваат им овозможиле на политичките лидери и на нивните извршители да го прават она што го сториле”, рече тој. “Ние едноставно не можеме да бидеме членови на едно општество без да ја прифатиме одговорноста за она што го сторило тоа општество”, рече Најер, наведувајќи ги како при­мер Германија и Јапонија по Втората светска војна и начинот на кој двете земји се соочија со одговорноста за воените злосторства. Коментирајќи го примерот на Германија, Најер рече дека мо­же­би побитни од судењето на наци-во­да­чите во Нирнберг биле судењата во­дени подоцна пред другите герман­ски судови. “Постојат околу 5.000 такви судења, рече Најер, сеќавајќи се исто така на судењето на Адолф Ајхман, кој, рече Најер, им помогна на генерации млади Германци кои растеа во ’60-тите, повторно да се со­о­чат со злосторствата извршени од страна на нивните татковци и дедовци. Тие судења доведоа до катарза во Германија која се смени од едно болно општество во едно од нај­здра­ви­те општества на денешницата”, ре­че Ариен Најер. Јапонија е пример на земја која не успеа целосно да се со­о­чи со своето злосторничко минато, ре­че тој, споменувајќи си дека Ја­по­ни­ја беше одговорна за смртта на ре­чиси десет милиони луѓе, од Кина до Филипините.

Одлуката на Американскиот воен гувернер, Даглас Мек Артур, да не го изведе пред суд јапонскиот император Хирохито за тие злосторства, туку само неговите воени команданти и не­кои државни службеници, беше греш­вка, а конечниот резултат од таа постапка е дека сегашниот премиер на Јапонија, Јуникиро Коизуми, се моли без колебање во храмот посветен на некои од извршителите на најтешките воени злосторства во Азија. Токму поради тоа, денес во Јапонија постои огромна недоверба, а Кина објави дека строго ќе се спротивстави на постојаното членство на Јапонија во Советот за Безбедност на ОН. На можното членство на Германија во Советот за Безбедност не се спротивставува ниту една членка на Советот, рече Најер. Она што е неопходно е развивање чувство за правда и прифаќање на колективната политичка одговорност, рече тој. “Важно е во тој процес да се прифати фактот дека злосторствата се извршени, дека податоците, како за жртвите, така и за криминалците, треба да се индивидуализираат и дека сите одговорни политичари и воени команданти треба да се судат”, рече Најер.

Хрватска новинска агенција – ХИНА, април 2005)