Изложба на “Македонски ракотворби”

“Скриеното богатство на Битола”

Во куќата на културата и традицијата во Битола, на 10 август 2006 година, со почеток во 20 часот се одржа изложбата „Скриеното богатство на Битола”. Ова културно случување беше организирано од Здружението на уметниците ракотворци „Македонски ракотворби” од Битола во соработка со општината Битола, а во рамките на манифестацијата Бит фест.

„Изложбата 'Скриеното богатство на Битола' е прва изложба од ваков вид организирана од граѓанска иницијатива во нашиот град, а има за цел да презентира реликти стари до стотина и повеќе години во сопственост на наши сограѓани”, истакна претседателката на здружението г-ѓа Јулијана Петровска. Изложбата предизвика интерес кај голем број битолчани, припадници на научната и културната јавност, како и кај самите ракотворци кои уживаа во изложените стари предмети, барајќи, се разбира, инспирација за некое свое следно создавање. Изложбата беше и една несекојдневна туристичка атракција за странските гости кои ја посетија, пред с$ за оние од соседна Грција. Тие не го криеја својот восхит гледајќи ги по стотина години старите предмети. „Овие предмети се прекрасни, би сакала да купам нешто и да однесам во мојата земја. Многу пријатно се чувствувам во оваа куќа, во Битола, во Македонија. Можеби би сакала засекогаш да останам тука”, вели младата Ефи, актерка од соседна Грција. Нејзината пријателка Дина, исто така актерка која работи и живее во Атина, вели: „Ние сме толку слични. И вие и ние постојано пиеме кафе и зборуваме многу гласно. Луѓето се премногу мили и пријатни во Македонија. Се чувствувам исто како да сум дома. Мислам дека политиката е нашиот непријател”.

На изложбата за изминатото време сведочеа: автентични ракотворби, голем број предмети и старини добени во наследство и грижливо чувани од заборавот на времето. Можеа да се видат свадбени народни носии, вез, плетенини, фотолабораторија, сребрен накит, мануелен грамофон, рачна машина за шиење, рачно обработени чаши, стомна, аван, котле, грнце, ѓум, касела, пегла, фурка, мелница за кафе и многу други сведоци за едно време коешто поминало, а сепак секогаш ќе биде тука во нашата душа.

Со изложбата „Скриеното богатство на Битола”, Здружението на уметниците ракотворци „Македонски ракотворби” од Битола направи уште еден чекор во исполнувањето на својата мисија: зачувување, афирмирање и презентирање на македонското културно наследство. Искрено се надевам дека пораката стигна до сите вас: многу нешта што ги имате во вашите домови, а сте ги добиле од вашите дедовци и баби се вистинско богатство, некогаш и финансиско, а пред с$ духовно. Сакајте ги и чувајте ги, тие се аманет за продолжување на македонската култура и традиција, сведок на она што сме биле и што ќе бидеме.

Н. Н.