СОЈУЗ НА ИЗВИДНИЦИТЕ НА МАКЕДОНИЈА

Половина век “Извидници, здраво!”

Сојузот на извидниците на Македонија е една од најстарите граѓански асоцијации во нашата држава. Оваа организација прослави голем јубилеј - 50 години од своето основање и непрекинато работење. Полувековниот јубилеј беше свечено прославен на 13 јуни, во Домот на Армијата во Скопје. Прославата беше истовремено и работна - беше одржана Годишната конференција на Сојузот на извидниците на Македонија.

Сојузот, освен што е една од најстарите граѓански организации во нашава држава, секако е и една од најмасовните. Тој брои околу 50.000 членови, обединувајќи ги речиси сите извиднички одреди во Македонија.

Како и во целиот свет, мисијата на “скаутите” е правилен развој на младите луѓе, насочување на нивната младешка енергија кон позитивните вредности, како дружењето, развивањето на тимскиот и на спортскиот дух, љубовта кон природата, подигањето на свеста за потребата од заштита на животната средина, хуманоста, несебичноста и помагањето на другите.

Низ своето 50-годишно работење, Сојузот на извидниците секако ја потврди оваа својата мисија. Им честитаме со традиционалниот извиднички поздрав - три пати ЗДРАВО!

М.И.