Јубилеј

Извидниците слават 100 години од постоењето на движењето

Сојузот на извидниците на Македонија со повеќе активности  го одбележа јубилејот 100 години од постоењето на извидничкото движење и 10 години од членството во Светската извидничка организација.   На улицата „Македонија” во Скопје делеа промотивни и едукативни материјали, а во Домот на градежниците беше отворена и изложба на извиднички фотографии. Во Градскиот парк кај „Школката” најмладите развигорци и извидници учеа извиднички вештини, а постарите го изведоа и традиционалното качување до врвот на Водно. Покрај овие активности, извидниците од македонските одреди ќе учествуваат и на Европската конференција во Порторож, во мај, до каде еден извидник ќе патува со велосипед. Шеесет македонски извидници се ппдготвуваат да отпатуваат и во Англија, каде годинава ќе се одржи јубилејниот настан за сите светски извиднички организации, а на 1 август ќе го одбележат и извидничкото изгрејсонце. „Во соработка со Каритас, во јуни, во Охрид, ќе се реализира проектот „Гифт фор пис” (Гифт фор пеаце) во рамките на кој Сојузот на извидниците ќе организира камп за деца Роми, кои за прв пат ќе се запознаат со извидничките вештини”, вели Кристина Картовска од одредот „Сидро”.

Извидничкото движење секоја година го слави роденденот на основачот Лорд Беден Пауел, роден во 1907 година, а денес движењето е мрежа од активни волонтери кои имаат организации во 155 земји во светот.  

С.Н.