ГРАЃАНСКА ИНИЦИЈАТИВА

Да се заштити скопското Кале

По најавите на Владата за извршената продажба на дел од скопското Кале (поточно, ридот Градиште) на САД за изградба на нова резиденцијална амбасада, беше покрената граѓанска иницијатива за зачувување на овој простор како дел од македонското културно и историско наследство. Пет граѓански и професионални здруженија, на кои им се придружија и повеќе граѓани, покренаа иницијатива за оспорување на оваа одлука. Македонскиот национален комитет на ИКОМОС, Асоцијацијата на архитектите на Македонија (ААМ), УРБИС и Форумот за ревитализација на старата скопска чаршија, формираа координативно тело кое ќе ги застапува интересите на граѓаните, на кое му се придружи и Македонската православна црква.

Координативното тело донесе заклучоци и препораки кои ги упати до надлежните органи на Република Македонија, повеќе домашни и странски институции и до Амбасадата на САД во нашата држава. Како реакција на оваа граѓанска иницијатива, Амбасадата на САД донесе одлука да финансира археолошки испитувања на овој простор, најавувајќи дека ќе се откаже од локацијата доколку се утврди постоење важни наоди.

М.И.