За организирање голем број хуманитарни активности
Црвениот крст на Град Скопје ја доби наградата “13 Ноември”
Црвениот крст на Град Скопје е годинешен добитник на наградата “13 Ноември” за организирање голем број хуманитарни активности на подрачјето на Скопје во 2005 година.
Наградата е доделена за реализирани проекти најчесто наменети за ранливите кетегории на население, за подобрување на животот на социјално загрозените слоеви, за обезбедување животни услови за младите и овозможување мирен и безбеден живот во метрополата.
Сузана Тунева-Пауновска, секретар на градскиот Црвен крст, вели дека наградата “13 Ноември” е финализација за с$ што е сторено оваа година за да се оствари мисијата на хуманитарната организација. Таа нагласува дека наградата претставува голема гордост за организацијата, со оглед дека од 50 организации коишто аплицирале, добитници се само 4, меѓу кои и Црвениот крст, а наедно претставува и дополнителен мотив и обврска да се продолжи по истиот курс.
“Црвениот крст е дел од сите општествени случувања во градот, во кои целта на дејствувањето е да се остане независен и непристрасен и да се функционира во рамките на меѓународните кодекси на Црвениот крст. Сите заложби и работа во 2005 година, особено со социјално загрозените на еден современ и атрактивен начин придонесе наградата да дојде во градскиот Црвен крст. Ова е еден дополнителен мотив за понатамошно придобивање на вниманието на граѓаните да се вклучат во хуманата мисија на организацијата и дел од своето слободно време да го посветат волонтирајќи во Црвениот крст”, вели Тунева-Пауновска.
С.Н.
|