ДВИЖЕЊЕ НА ЕКОЛОГИСТИТЕ НА МАКЕДОНИЈА

Нема “гнили јаболка” оваа година

Движењето на екологистите на Македонија традиционалното “Зелено јаболко” за 2005 година му го додели на Латиф Беаз, сопственик на компанијата “Еко-Ерол” од Велес. Јавни благодарници им беа доделени на Даниела Каневче, новинар во Македонското радио, на весникот Време и на Цане Стојковски.

Оваа година изостанаа, исто така традиционалните, гнило јаболко и јавна критика, кои вообичаено им  се доделуваа на оние кои придонеле за загадување на животната средина. За овој “необичен” гест претставниците на ДЕМ велат дека така одлучило Собранието на организацијата.

“Кандидати имаше”, велат тие, “ама никој посебно не се истакнуваше, па Собранието реши да не го додели ‘Гнилото јаболко’ оваа година”. Имајќи предвид дека ова признание со текот на годините стекна одредено влијание во јавноста, останува нејасно зошто Движењето на екологистите не го употреби признанието како механизам со којшто барем јавно ќе ги искритикува “многуте кандидати”.

Добитникот на “Зеленото јаболко” беше награден поради започнувањето на процесот на рециклирање на пластиката во Македонија. Пластиката с$ уште не се преработува во Македонија, но таа се извезува во Турција каде што се користи во текстилната индустрија. “Собирањето на пластичниот отпад може да биде добар извор за егзистенција за семејствата и за граѓанските организации”, сметаат во “Еко-Ерол”. Практично, едно семејство од Штип месечно собира и продава 30-35 тони пластичен отпад и заработува од 240.000 до 280.000 МКД. Во Македонија годишно се продуцираат од 6.000 до 10.000 тони пластичен отпад или тоа е околу 1.300.000 евра. На прес-конференцијата беше презентиран пронајдокот на Мирко Узелац за минимизирање на пластичните шишиња како и екоконтејнерот што ќе служи за собирање на пластичниот отпад. Прототипот на екоконтејнерот се очекува да биде готов до 15 април кога ќе се тестира неговата употреба.