ФОТОИЗЛОЖБА ЗА ИНИЦИЈАТИВАТА ЗА БЕЗБЕДНИ УЧИЛИШТА

Секој блесок една приказна

Проектот „Безбедно училиште во заедница под ризик“ што го спроведуваат Центарот за психосоцијална и кризна акција (ЦПКА) и Бирото за развој на образованието, со поддршка на Амбасадата на Швај­царија во Република Македонија, беше презентиран на 27 јануари 2004 година преку извонредните фото­графии на Иван Блажев. Изложбата на фотографии од овој проект е поставена во Музејот на град Скопје и ќе биде отворена до четврти февруари 2004 година.


Проектот се спроведува во неколку основни училишта во Тетово. Него­вата цел е да се поттикне оства­рувањето на основната намена на овие институции – да бидат места каде што сите деца безбедно и правилно ќе се развиваат, образуваат, воспитуваат и дружат. „Наставниците и децата во проектот се обидуваат да најдат нови или стари, но подзаборавени начини на сретнување и поврзување, споделување и разменување, играње и творење, креативност и учење“ – вели претставничката на ЦПКА, Ана Ѓориќ, во брошурата издадена по повод изложбата на Иван Блажев. Самиот тој, кој имаше можност да го следи и документира одвивањето на овој проект, вели: „Јас и децата учесници во проектот… Тие имаа причини поради кои беа дојдени, вредно работеа на нивното надминување и сакаа да бидат слушнати, а јас се обидував на некој начин да им дадам простор во кој ќе може да се слушне нивниот глас, нивните приказни да излезат надвор од училниците… Секоја фотографија блесок, секој блесок една приказна, секоја приказна чекор кон светлината, чекор поблиску до нивната визија“.

М.И.