Актив на жените пензионерки од Пробиштип

Предизвиците на третото животно доба

Активот на жените пензионерки при Здружението на пензионери на општи­ната Пробиштип е основан во 2003 година. Оттогаш овој актив успева да им понуди на своите членки интересни содржини со што се повеќе и повеќе го привлекува нивното внимание и членство. “Третото животно доба може исто така да биде интересно и убаво”, вели претседателката на активот Љубица Ја­ков­леска, “ако заврши нашиот работен век не заврши и нашиот животен век”, вели таа. “И во овој период од животот може многу да се види и да се научи, а ние се обидуваме тоа да го направиме заедно, организирано, преку нашиот Актив”, додава Јаковлеска.

Преку своите активности, Активот на же­ни пензионерки се обидува да ги обележи значајните датуми. Неодамна заврши наградниот ликовен конкурс што по повод 8-ми Март беше распишан за учениците од основните училишта “Никола Карев” и “Браќа Миладиновци”, а за празникот беше организирана и посета на споменикот на Нада Михајлова и забава за пензионерките. Настаните што ги организира Активот често имаат и хуманитарна компонента како “Васили­чарскиот коктел”, кога собраните средства беа наменети за помош за лекување на еден нивни сограѓанин. Сакајќи да им излезе во пресрет на своите членки Активот организира и предавања како што се: “Климатските фактори и нивните влијанија врз здравјето на луѓето од трето доба”, “Исхрана на луѓето во трето доба” и “Стресовите на нивното влијание врз здравјето на луѓето во трето доба”. Екскурзиите се составен дел на програмата на Активот. Минатата година 52 жени ги посетија: црквата “Св. Троица” во Радовиш, манастирите во Водоча и Вељуса, Смоларските водопади и градот Струмица. Оваа година се планира уште една екскурзија за членките на Активот.

“Нашите членки се задоволни од она што Активот го организира за нив. Бројот на оние што ни се придружуваат во активностите е се поголем. Тоа е добро, затоа што сме успеале да го разбудиме активизмот во нив и да им го направиме животот поинтересен. Се разбира дека ќе продолжиме во таа насока, нашето животно доба носи уште многу нови предизвици за нас и ние ќе се обидеме да одговориме на нив”, вели Љубица Јаковлеска.