Менторството и граѓанските организации

Во Македонија менторските можности се неискористени

Одисеј, познатиот итар јунак од Хомеровиот еп “Одисеја”, пред да замине во Тројанската војна, му ја доверува грижата за своето семејство и имот на Ментор, негов најдобар другар и човек од доверба, разборит, мудар, искусен и совесен. Синот на Одисеј, Телемах, станува ученик - воспитаник на Мен­тор, кој го подучувал и го во­дел низ животот. Оттука и поимот ментор, кој означува искусен човек, учител, воспитувач, тутор, советник, консултант кој своето знаење и искуство го вложува да помогне во изградувањето и усвршувањето кадри од одредена област.

Поимот менторство е изведен од поимот ментор и означува одржлива релација (врска) помеѓу две лица, при што едно лице нуди поддршка, водство на друго лице. Најчесто станува збор за релација помеѓу по­старо лице (ментор) и помлада личност (ментриран).

Постојат повеќе дефиници за мен­тор­ството:

Менторство е однесување и процес при којшто еден човек дава помош, насочува, советува, помага во обучувањето или развојот на друг човек.

-  Менторството е однос помеѓу искусно и помалку искусно лице, каде што менторот обезбедува информирање, советување поддршка и повратна врска за менторираниот, како начин да му се помогне во личниот развој.

-  Менторството може да се гледа како партнерство помеѓу две слободни независни страни кои се рамноправни и каде моќта и авторитетот се употребуваат мудро во функција на предизвик, можност, охрабрување и помош.

Постојат главно три типа менторство: природно или традиционално мен­тор­ство, планирано менторство и само­менторство .

-  Природното менторство укажува на тоа дека релациите меѓу менторот и менторираниот се базираат главно на пријателство и колегијалност. Во овој тип на менторство се вклучува социјалната интеракција помеѓу менторот и менторираниот.

-  Планираното менторство е дел од  структурирани програми во кои менторот и менторираниот се вклучени врз база на формални барања за да се постигне одредена цел, најчесто зголемување на продуктивноста и намалување на тековните проблеми во организацијата.

-  Самоменторството, како посебен вид менторство, се разликува од првите два типа по тоа што тука не постои директна релација на менторираниот со еден ментор. Кај самоменторството менторираниот, преку следење различни примери и постапки во средината, како и преку истражувачка работа, се самоедуцира. За овој тип на менторство е потребна голема мотивираност и самодисциплина.

 

Менторството и менторските прог­рами главно служат за постигнување на следниве пошироки цели:

-  Едукативно или академско менторство, кое е фокусирано унапредување на академските достигнувања на главно младите луѓе, вклучени во образовниот процес;

-  Менторство во кариерниот развој, кое му помага на менторираниот  да ги унапреди потребните вештини за да започне или да го породолжи сопствениот кариерен развој;

-  Менторство во личниот развој, кое му помага на менторираниот да ги преброди ситуациите на професионален, личен и социјален предизвик и да го води низ процесот на донесување одлуки.

продолжува во следниот број

 

ПОИМНИК

Менторство

Воведување во работата е процес на учење, преку плани­рана програма за обука со која им се овозможува на нововработените да се запознаат со организацијата, со своите колеги, со својата работа, како и со работата на други организации или агенции кои работат на сличен начин.

Набљудување на работата и работните достигнувања на поединецот во организацијата (вработен, волонтер) се прави преглед на она што го направил, како тоа го прави и она што треба да го направи.

Оценка на работните достигнув­ања значи проверка на ис­пол­нување на очекувањата и стандардите на работата, од­нос­­но дали поединците добро ја завршиле работата, дали се исполнети очекувањата, кои се нивните јаки и слаби страни и кои чекори ќе бидат преземени во иднина.