Хрватска
Прецизно регулирање на финансирањето на политичките партии
Транспарентност Хрватска го објави истражувањето на јавното мислење, кое покажува дека 89,5% од граѓаните сметаат дека во Хрватска е потребно прецизно регулирање на финансирањето на политичките партии и кампањите. За 61,2% од граѓаните главен мотив за давање донација е очекуваната противуслуга, било деловна или куповна, а 24,2% од анкетираните сметаат дека донациите се последица на добрите приватни односи не поединците, односно на луѓе на одредени фирми со челници на партии, односно кандидати. Според мислењето на 7,6% од испитаниците главен мотив за донирање средства е согласувањето со политичката програма на партиите или кандидатите.
Транспарентност интернационал Хрватска го смета истражувањето за уште една потврда за потребата од што поскоро донесување закон, кој попрецизно ќе го регулира финансирањето на политичките партии и кампањи.
Г.Ш. извор: one world
Србија
Обезбедување средства за работата на ГО
Истражувањето “Секторот на НВО” во Србија, кое Граѓанските иницијативи и Федерацијата на невладините организации на Србија го спроведоа на почетокот на оваа година, јасно говори за лошата финансиска состојба на граѓанските организации (ГО) во оваа земја. Добиените податоци покажуваат дека основни финансиери на ГО се донаторските организации (74%), што е два пати повеќе во однос на следниот рангиран извор на финансирање, локалната самоуправа (36%).
Имајќи ги предвид овие информации и трендот на намалување на странските донатори, фондовите за поддршка на ГО, истражувачите сметаат дека е вистинско време да се започне со систематски чекори во процесот на обезбедување средства за работа на ГО од домашни извори. За олеснување на процесот, за почеток е предложено да се воспостави соработка со локалната самоуправа, со обезбедување средства од буџетот на општините, односно градовите. Со започнување на овој процес на систематски начин, се смета дека ќе се зголеми учеството на општините во финансирањето на ГО и од моменталните 36%, ќе се достигне минимумот од 75%, во идните две години.
Г.Ш. извор: one world
Албанија
Легислатива за непрофитните организации
Во склоп на заедничките активности како дел од Мрежата отворено општество Албанија (НОСА), Албанската фондација отворено општество (ОСФА) и Партнерите-Албанија во соработка со група експерти од полето на легислативата и економијата уште од 2005 година работат на анализата на законските одредби што го регулираат дејствувањето на непрофитниот сектор во Албанија.
Анализата ќе послужи за дополнување на недостатоците во законските одредби, за олеснување на секторот на непрофитните организации во правец на пронаоѓање алтернативни извори на финансирање во услови на недостаток или намалување на финансирање од странските донатори и подобрување на имиџот на непрофитните организации. За произлезениот извештај од експертската група се расправаше во пошироки групи претставувани од непрофитните организации и донаторите на тркалезни маси, организирани во неколку градови на Албанија во периодот април-мај годинава.
Г.Ш. извор: one world
Босна и Херцеговина
Се бара информација
Конзорциумот на организации од Босна и Херцеговина оваа пролет ја покрена кампањата „Се бара информација!”. Со цел да се промовира правото до слободен пристап до информации, истовремено во осум градови – Зеница, Мостар, Дрвар, Ливно, Зворник, Бихаќ, Тузла и Сараево на 28 септември, на Меѓународниот ден на правото за слободен пристап до информации, ќе бидат реализирани низа интерактивни работилници, јавни презентаци на градските плоштади, тркалезни маси и вечерни забави.
Законот за слободен пристап до информации е усвоен во 2000 година, но процесот на негово спроведување се одвива многу бавно, поради две причини. Првата лежи во фактот што голем број владини агенции не го завршиле подготвителниот процес за активно спроведување на овој закон, а втората причина е многу слабата информираност на јавноста со Законот и правата коишто произлегуваат од него.
Г.Ш. извор: one world
|
|