Студиска посета во Холандија

Собирање искуства за позеленување на локалните избори 

Работната група за позеленување на локалните избори ( РГПЛЕ), неформална група иницирана од страна на  Милиеуконтакт ООСТ Европа,  од 10 до 17 мај ја посети Холандија,  за да се запознае со работата на граѓанските организации за заштита на животната средина и да стекне поголемо искуство за начинот на лобирање за време на  локалните избори во Македонија. Дел од стекнатиите искуства ќе бидат имплементирани во нивниот проект за позеленување на локалните избори во Македонија, кои треба да се одржат наесен, годинава. Во рамките на студискиот престој, работната група посети седум организации кои на различен начин придонесуваат за поголема заштита на животната средина,  а нејзините членови се запознаа со историјата на движењето за заштита на животната средина во Холандија, со системот и надлежностите на  локал­ната самоуправа.

На работните состаноци членовите на РГПЛЕ имаа можност да се запознаат и со работата на организациите кои во својата работа користат директни акции и иницијативи, лоби-организации чија целна група се политичарите и луѓето кои ги донесуваат одлуките за заштита на животната средина.

Барајќи најразлични форми преку кои ќе ги актуелизираат прашањата за заштита на животната средина и ќе ги информираат граѓаните за потребата од поголема совесност и свесност за животната средина, членовите на РГПЛЕ ги посетија и кафулето за заштита на животната средина во Тилбург, и политичкото кафуле во Хенгело.

Претставниците на организациите од Холандија и членовите на  РГПЛЕ разговараа за конкретни кампањи поврзани со заштитата на животната средина, разменувајќи најразлични искуства.  

С.Т.

Поддршка на акцијата против дивоградбите на брегот на Охридското езеро

Внимателно, да не се загади Езерото
 

“Акцијата е потврда на заложбите на Вла­дата за функционирање на правната држава и за заштита на животната средина, посебно на најголемото  македонско природно богатство - Охридското Езеро. Ги охрабруваме министерот Буџаку, директорот Трошански и Државниот инспекторат за урбанизам, како и другите претставници на државните органи, да истраат докрај во оваа акција, и покрај различните притисоци. Едно­времено, би сакале да потсетиме дека акцијата за отстранување на дивоградбите треба да се одвива внимателно, со цел да се спречи загадување на Езерото и брегот со шут и смет. Исто така,  ги повикуваме да  преземат слични акции со кои ќе се спре­чи уништувањето на другите заштитени  природни области во Македонија, а особено националните паркови.

Во оваа смисла, во соработка со Министер­ството за животна средина и просторно планирање, проблемите од овој вид треба да се третираат не само од урбанистички, туку, пред с$ од еколошки  аспект”  -  под­држу­ваат и потенцираат  членовите на НПЕЦ Ерина.